Актуелно 04.06.2019 10:59

Само третина од фирмите преживуваат подолго од пет години

Само третина од фирмите преживуваат подолго од пет години

Во Македонија има 68.538 активни компании. За една година биле отворени 6.321, а затворени 5.796. Околу 80% ја преживуваат првата година, а само 32.9% опстојуваат подолго од пет години. Податоците на Државата статистика (ДЗС) покажуваат дека најжилави се претпријатијата од секторите образование, рударство и транспорт.

6.321 нова компанија во 2018-та

Лани во земјава биле основани 6.321 компанија. Најголем дел се од секторите трговија (1.912), преработувачка индустрија (675), стручни и технички дејности (673), угостителство (651), градежништво (533).

Најголем дел од компаниите се регистрирани како друштво со ограничена одговорност (4.572), потоа како трговец поединец (1.290) и останати правни форми (459).

По региони најмногу компании се основани во Скопскиот. Следат Полошкиот, Пелагонискиот, Југозападниот, Југоисточниот, Источниот, Вардарскиот и Североисточниот.

5.796 затворена компанија во 2018-та

Во 2018-та во Македонија биле затворени 5.796 компании. Најголем дел се од секторите трговија (2.134), преработувачка индустрија (652), угостителство (646), транспорт (443), градежништво (414).

Најголем дел од нив биле регистрирани како друштво со ограничена одговорност (4.412), потоа како трговец поединец (924) и останати правни форми (460).

Четири од пет фирми ја преживуваат првата година

Стапката на преживување на компаниите во првата година (2017-та во однос на 2016-та) е 82.2%.

Ако 2017-та се спореди со 2012-та стапката се спушта на само 32.9% што значи дека две третини од фирмите регистрирани пред 5 години згаснале.

Во светски рамки околу 50% од новите компании пропаѓаат во првите пет години (стапка на преживување според Forbes).

Во Македонија на долг рок најжилави се фирмите од секторите здравствена и социјална заштита (за 6 години преживеале 64.2%), потоа стручни и технички дејности (59.0%), финансиски дејности (58.6%). Најмногу пропаѓале компаниите од секторите административни и помошни дејности (за 6 години преживеале само 7.7%), други услужни дејности (17.4%), уметност и рекреација (21.1%), угостителство (28.1%).

Во Македонија има 68.538 активни компании. Најголем дел се од трговијата (23.337), следи преработувачката индустрија (7.885), стручни и технички дејности (6.948), транспорт (5.732).

Зошто пропаѓаат фирмите?

Причините за затворањето на компаниите се различни од случај до случај, но најчесто се сведува на лошо планирање и менаџирање, објаснуваат економистите.

„Ако се погледнат податоците за бројот на блокирани сметки може да се заклучи дека неликвидноста е еден од клучните проблеми кој што се провлекува со години“ објаснува економистот Борис Попов. „Тоа е хроничен проблем на нашето стопанство но причините за затворање на компаниите не може да ги сведеме само на тоа“ вели тој.

Сепак, според познавачите ваквите податоци не се загрижувачки, во една економија е нормално да флуктуира бројот на компании, едни да се затвораат а други да се отвораат.

„Охрабрувачки е што сè почесто се отвораат старт ап компании, младите се охрабруваат а причина за тоа се светските трендови но и малите стартни трошоци“ вели Попов.

Економистите сметаат дека на македонското стопанство му е потребен уште поактивен претприемачки дух кој ќе биде насочен кон производство, обработка и доработка, а не само кон услуги и трговија.

 

 

Извор: Денар