Состојбата со палењето на трските на струшкото крајбрежје на потегот од Струга кон селото Калишта последниве денови станува алармантна. Екологистите и експертите по животна средина предупредуваат дека со тоа се загрозува богатата флора и фауна со која располага крајбрежната зона на Охридското Езеро. Тие забележуваат дека секоја година пред почетокот на градежната сезона се случува истото, се расчистува терен каде што подоцна никнуваат плажи и хотелски комплекси.
Запалени трски, почнати градежни активности
Извидничкиот одред „Крсте Јон“, кој работи на мониторинг на појасот на трски на Охридското Езеро, посочува дека сегашната слика на струшкото крајбрежје е во многу лоша состојба.
-Појасот трски се соочува со сечење, палење, копање, бетонирање и уништување. Природните вредности на Охридското Езеро и крајбрежјето се под притисок од неодржливо користење ресурси и развој на туризмот во целиот регион, придружен со ниска свест кај носителите на одлуки и недостиг на интегрирано урбанистичко планирање. Неконтролираните градби по должината на брегот на езерото имаат негативно влијание врз езерото и пејзажот, е заклучокот од последниот мониторинг на Извидничкиот одред.
Марјан Главинчески, член на извидничкиот одред „Крсте Јон“, вели дека палењето на трските е зачестено во овој период од годината, пред почетокот на градежната сезона.
-Досегашното искуство покажува дека палењето на трските претставува подготовка за изградба на нелегални објекти, автокампови, плажи, хотели или други активности што би можеле да се случат во наредниот период. Нашите патроли ќе продолжат со мониторинг и ќе информираме за секое нарушување, изјави Главинчески.
Сомневањата на граѓаните дека со палењето трски се расчистува терен за изградба на угостителски објекти, плажи или хотели ги потврдува контролата на терен на активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.
-На одредени парцели меѓу Струга и Калишта се тампонира, се поставуваат бетонски огради, се пали трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут. Не се знае кој узурпира и кој гради. На терен беа лица со приватни возила. Израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции, велат од „Охрид СОС“.
Тие забележуваат дека се користи секој момент за градба и узурпација на крајбрежјето, имајќи ја предвид најавата на Владата дека ингеренциите за плажите во Охрид и во Струга ќе преминат од општинско на државно ниво.
Институциите да преземат ригорозни мерки против уништувањето на трските
Трската е живеалиште и храна за разни видови животински организми од крајбрежјето на Охридското Езеро, како што се многуте безрбетници, рибите, особено краповидните риби и некои водни птици, кои живеат токму тука. Таа претставува место каде што се мрестат огромен број риби, меѓу кои крапот и плашицата, и место каде што се гнездат водните птици: пајки, чапји и лебедот. Со уништувањето на каков било начин, сечење, палење, корнење, затрупување со градежен шут и земја, трската се уништува, а со тоа и природните живеалишта на овие жители на крајбрежната зона. Трските се повеќегодишни растенија и доколку се исечени или запалени, коренот останува и оттаму може повторно да истераат следната година, но ако се искорнати, тие се комплетно уништени.
Според Марина Талевска, експертка од Хидробиолошкиот институт во Охрид, на местото каде што е изгорена трската птиците не доаѓаат да се гнездат ниту, пак, рибите да се мрестат. Во изјава за МИА забележа дека секоја година во овој период се повторува истото, односно се палат трските на почетокот на вегетацискиот период.
-Хидробиолошкиот институт испраќал апели до институциите, општините, ресорните министерства, но не сме наоѓале соодветно разбирање. Од досегашните апели нема ефекти. Трската најмногу се деградира за добивање земјоделски површини, хотелски комплекси, плажи…, забележува Талевска.
Смета дека инспекторите за животна средина, како на локално така и на централно ниво, треба сериозно да ја сфатат работата, да се активираат и да преземат ригорозни мерки против оние што ја уништуваат трската, а со тоа и целиот биодиверзитет што живее во неа.
-Трската е заштитена со многу закони во Република Македонија и разни конвенции. Заштитена е со Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, Законот за заштита на природни реткости, конвенција за биодиверзитет…, појасни Талевска.
Само две пријави за запалени трски
На потегот од Струга кон селото Калишта последниве десетина дена граѓаните, но и невладините организации повеќепати алармираа за палење на трските, но во струшката полиција имало само две пријави.
-Во Полициската станица во Струга се добиени две известувања за пријавен пожар на трска на потегот Струга – Калишта. Полициски службеници во двата случаја излегле на местото на настанот и извршен е увид. Преземаме мерки за утврдување на причините за пожарот, изјави портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски.
Во струшката пожарна, пак, повеќепати било пријавувано за запалени трски во близина на селото Калишта.
– Нашите пожарникари само овој месец интервенираа пет пати на запалени трски на крајбрежјето. Сметаме дека пожарот намерно се подметнува, бидејќи во сите случаи жариштата се на повеќе места во исто време, потврди за МИА заменик-командирот на Територијалната против пожарна единица во Струга, Ристе Талески.
Трската – филтер на езерото
Трската преставува филтер на езерото. Ја прочистува водата, рибите таму се размножуваат, а во неа живеат многу птици и други животни. Појасот трски на Охридското Езеро е вегетација што се формира по должината на крајбрежјето на езерото. Дејствува како зона за одделување на езерото од човекот, со што се обезбедуваат услови за живеалиште на птиците и мрестилиште на рибите. Претставува систем за самопрочистување на езерото, што е најголемиот резервоар на свежа вода во Европа. Појасот трски придонесува и за намалување на влијанието на езерските бранови и го заштитува брегот од ерозија, прочистување на водата од штетните супстанции и естетика на езерото.
Извор : Денар