Банкарство 21.08.2018 14:19

ТТК Банка со позитивни финансиски резултати за првото полугодие

ТТК Банка со позитивни финансиски резултати за првото полугодие

Во периодот јануари – јуни 2018 година, Банката оствари позитивен финансиски резултат во износ од 31,9 милиони денари и покрај издвоените исправки на вредност за финансиски средства на нето-основа во износ од 45,5 милиони денари и исправки на вредност за нефинансиски средства на нетооснова во износ од 51,1 милиони денари.

Нето приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето. Остварените нето приходи од камати во првото полугодие од 2018 година изнесуваат 135,5 милиони денари и забележуваат 96,4% реализација на Буџетот. Приходите од камата во првото полугодие од 2018 година изнесуваат 169,9 милиони денари. На годишно ниво, зголемената
кредитна активност на Банката кон секторот домаќинства и секторот нефинансиски друштва резултира со зголемени приходи од камати за 4,5% во однос на истиот период минатата година. Расходите за камати изнесуваат 34,5 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се пониски за 3,6%.

Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги во првото полугодие од годината изнесуваат 60,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се пониски за 2,9%. Степенот на исполнување на планот е 90,4%.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 3,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се пониски за 18,3%. Степенот на исполнување на планот е 89,8%.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 79,7 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 36,6 милиони денари или 84,8%, како резултат пред сѐ на реализираните капитални добивки од продажба на средства.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 154,6 милиони денари и споредено со истиот период минатата година се пониски за 4,1%. Степенот на исполнување на планот е 97,5%.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.